Фото: Минко Чернев/БТА

По поздравот до военослужбениците, претседателот Румен Радев одржа и традиционален говор.

Традиционалната воена парада во центарот на Софија го одбележа Денот на храброста и празникот на бугарската армија, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

На плоштадот „Кнез Александар I“ во Софија продефилираа околу 700 војници. Вкупно околу 1000 лица учествуваа во подготовките за парадата, иако во самата свечена постава маршираа 700 војници.

Во парадата учествуваа осум единици од Националната гарда, Копнените сили, Втората механизирана бригада, Воздухопловните сили, Морнарицата, Здружената команда за специјални операции, Воениот универзитет „Васил Левски“ и военоморското училиште „Никола Јонков Вапцаров“, како и Репрезентативниот гарнизонски оркестар и дувачкиот оркестар на Копнените сили.

Претседателот и врховен командант Румен Радев најпрвин ја поздрави Националната гарда, а потоа и редовите на Копнените сили, Втората пешадиска бригада (наследничка на пешадиските трупи), Воздухопловните сили, Морнарицата, Здружената команда за специјални операции, Воениот универзитет „Васил Левски“ и Военоморското училиште.

По поздравот до војниците, претседателот Радев одржа традиционален говор:

„Илјадагодишната историја на нашиот народ недвосмислено покажува дека Бугарија напредувала кога живеела под знакот на доблеста и достоинството, кога армијата и народот биле цврсто поврзани. Затоа, на денешниот свет христијански празник – Ѓурѓовден, како израз на благодарност кон своите воини, нашиот народ го одбележува Денот на храброста и празникот на армијата. Летописите сведочат за безброј блескави победи на нашата војска. Има и трагични порази, но никогаш кукавички капитулации. Дури и во најтешките времиња, бугарскиот војник секогаш бил последниот и пожртвуван чувар на татковината, а армијата отсекогаш била симбол на гордост, храброст, доблест и државност.

Со текот на годините, спомените на најразорната војна во историјата на човештвото – Втората светска војна, не избледуваат. Некои се обидуваат да ги искриват. За нас е чест што денес се меѓу нас некои од последните живи ветерани од таа војна. За да помниме – за жал, ужасот од преживеаното не спречи нови крвопролевања, дури и во срцето на Европа.

Денес, кога конечно се простивме со илузијата дека членството во одбранбени сојузи без развој на сопствени одбранбени способности е доволно за гарантирање на безбедноста, и кога конечно, под притисокот на нашите сојузнички обврски, вооружените сили се во фокусот на финансиската политика на државата, се соочуваме со нови предизвици“, рече Радев во својот говор.

Тој додаде дека тоа бара нагло зголемување на инвестициите во одбраната, висок професионализам, стратегија и принципиелност, како и активен и искрен дијалог помеѓу државата и највисокото воено раководство.

„Во овие тешки денови за нашите вооружени сили, повторно се најдоа политиканти и самопрогласени експерти кои се обидуваат да сеат поделби, па дури се осмелија да ги обвинат за државна измама луѓето со пагони кои секојдневно ги ризикуваат своите животи во името на татковината“, додаде претседателот.

Тој им се обрати на војниците со повик да ги отфрлат сите обиди за „раздор и понижување“ и да ја зачуваат својата воена чест, продолжувајќи да ја бранат каузата „Бугарија“ со професионалност и посветеност. „Нека ве чува Свети Ѓорѓи!“, порача Радев.

Свети Ѓорѓи е заштитник на храброста – да им оддадеме почит на сите Бугари кои се спротивставуваат на лагите, кои му се спротивставуваат на подемот на олигархијата, кои ја бранат демократијата – во нив е надежта за поправедна, похумана и помодерна европска Бугарија. Чест и слава за сите храбри Бугари!“, го заврши својот говор Радев.

На почетокот на воената парада, над плоштадот „Кнез Александар Први“ прелета хеликоптер Ми-17 кој го носеше националното знаме, придружуван од два хеликоптери „Кугар“. Претходно, пред Споменикот на Незнајниот воин беше одржана свечена водосветна церемонија на борбените и светите знамиња.