ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против двајцата пратеници кои заразени со Ковид 19, но облечени во скафандери во неделата дојдоа во Собранието за да гласаат за петтиот пакет мерки. Опозицијата смета дека се прекршени законите, но и протоколите и дека со ова пратениците со скафандери го загрозиле здравјето на сите останати во салата.
-Македонија мора да биде држава во која што законите и Уставот важат подеднакво за сите. Поради основано сомневање за прекршување на Кривичниот законик, а особено во членовите 205 и 206, кои што се однесуваат за непостапување по здравствени прописи во време на пандемија, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денес во Основното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава.
Очекуваме дека Јавното обвинителство ќе постапи согласно законите и ќе ја процесуира оваа кривична пријава.
Исто така морам да потенцирам дека во неделата беше прекршен и Законот за заштита на населението од заразни болести, кој што внимавајте имаше измена и дополнувања кои што ги донесе овој пратенички состав во месец октомври 2020-тата година. Токму поради овие основани сомневања денес ја поднесуваме оваа кривична пријава, која што се надеваме дека ќе се процесуира итно.