Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, објави дека во држава каде што работниците бројат денови до платата, министри од ВМРО-ДПМНЕ трошат десетици илјади евра – на јадење и пиење во луксузни ресторани.

Таа на прес-конференција објави дека во првите четири месеци од годината, власта потрошила над 30.000 евра во скапите скопски ресторани.

„Гозби, ручеци и вечери плаќале речиси сите министри, а сметките кои се достапни на „Отворени финансии“ се запрепастувачки. Одредени исплати се во вредност и по 3.000 евра! Ова се податоците кои се јавно достапни и ќе бидат дадени до медиумите“, рече Кузеска.

„Почитувани министри, Малку ли ви беа папајата, аспарагусот и егзотичните набавки од 35.000 евра? Дали тоа не беше доволно за владата да се најаде, па требаше уште толку да се потроши и по ресторани?“, додаде портпаролката.

Вели дека секој месец оваа година, почнувајќи од јануари, Владата трошела просечно по 10.000 евра од буџетот на кафеани, додека им објаснуваше на работниците дека 400 евра се доволни за живот.

„Главни кафанџии според овие сметки, кои ги доставуваме до јавноста, се Дон Тимчо Муцунски, Дон Филков, сите трошаат како мафијаши, во време кога имаме најниски плати во регионот. Замислете, дури и министерот за култура Љутков бил Дон, кој не беше кадарен да исплати плати на вработените во културата – плаќа баснословни суми по кафеани! Културните работници да знаат дека додека они немаа плати, барем министерот не бил гладен. ВМРО-ДПМНЕ денес не е партија на народот. Тоа е затворен круг на луѓе што уживаат додека народот се бори. Тие се изгубени во луксуз, без чувство, без срам, без контакт со реалноста. Приватни авиони, скапи ручеци, набавки на папаја и манго – ова веќе ги поминува сите граници“, изјави Кузеска.

Според СДСМ, оваа власт е симбол на елитизам, ароганција и тотално отуѓување. Немаат врска со народот. Немаат совест. И очигледно, немаат намера да запрат.