Секогаш кога ДУИ губи, секогаш кога граѓаните ќе ги прочитаат нивните вистински коруптивни намери, тие прибегнуваат кон потпалување на меѓуетничките односи и загрозување на соживотот, кажа на прес-конференција Александар Велјановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ, вели тој, нема аргументи и политики, единствена политика им е деструктивноста и уништувањето на соживотот на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, најостро ја осудува срамната и опасна изјава на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, дадена при промоција на кандидатот на ДУИ за градоначалник на Тетово, Бајрам Реџепи.

„Бектеши, без трошка одговорност, велича оружје и отворено ја оправдува војната од 2001 година, претставувајќи ја како политички капитал. Тоа е скандал од невидени размери и директен удар врз меѓуетничките односи во државата.

Ова е класичен говор на омраза кој ја враќа Македонија во најтешките времиња. Наместо за иднината, граѓаните некој повторно сака да слушаат етнички провокации и поттикнување на поделби.

Македонците се столбот на Тетово. Со векови наназад тие се дел од неговата историја, култура и идентитет. Со својот труд и љубов кон овој град го изградиле и го зачувале. На овие избори како и многу пати претходно, токму Македонците со својот единствен сплотен глас и својата волја ќе одлучат кој ќе биде татко на Тетово и каква иднина ќе има овој град.

Ја повикуваме СДС јавно и веднаш да ја осуди оваа изјава и да се огради од својот коалициски партнер. Време е да се оттргнат од зависноста кон ДУИ и да покажат барем минимална одговорност. Секое молчење е соучесништво. Но, бидејќи СДС со години е навикнат да биде нем и покорен партнер на ДУИ, секој нивен денешен молк значи само едно, дека станале партнери и во омразата“.

Апелира до сите политички партии, организации и институции, да го осудат овој чин како отворен говор на омраза. Во Македонија, како што нагласи, нема место за политичари кои својата кампања ја градат на закани, омраза и величање оружје.

„Нашата обврска е да ја изградиме Македонија како силна, праведна и европска држава. Земја на мир и стабилност, а не на поделби и закани. Народот очекува јасна позиција, а ние ќе продолжиме да ја браниме Македонија од сите што сакаат да ја претворат во заложник на криминални и етнички поделби“.