На армискиот полигон во Криволак денеска успешно се изведе најголема мултинационална вежба „Брз одговор 23“ која оваа година се одржува во државава и со која се демонстрира обединетост на НАТО.

Покрај Република Северна Македонија учествуваат уште три НАТО земји членки, Соединетите Американски Држави, Албанија, Црна Гора и како земја партнер на НАТО – Косово, со околу 1.850 учесници.

Во оваа прилика пред присутните се обрати министерката за одбрана Славјанка Петровска која нагласи дека брзите промени бараат брзи и одлучни одговори, а за нив, како што порача, мора да сме подготвени заедно со нашите сојузници.

-Ниту една држава, ниту една Армија не може да бидат врвни доколку не се здружени. Нашето единство во НАТО е нашата сила. Во НАТО чекориме рамо до рамо обединети со прогресивните сили на светот и нашиот партнер САД подготвени да одговориме на заканите без оглед на тоа од каде доаѓаат, рече Петровска.

Придобивките од сојузништвото во НАТО, како што рече, се пред се за граѓаните и нивното чувство на припадност, безбедност и сигурност.

-Солидарноста е клучот на успехот и напредокот особено во тешки времиња. Силата е во различностите, во секоја смисла. Секој успех е заеднички успех, рече Петровска.

-Ова се моменти кога со гордост велам дека македонската Армија е НАТО армија, моменти кои потврдуваат дека инвестицијата и во опрема и во човечки ресурси во Армијата е инвестиција во заедничката иднина и е гаранција за нашата колективна безбедност, заклучи Петровска.

Пред пристуните се обрати и премиерот, Димитар Ковачевски, кој истакна дека е реализирана уште една успешна заедничка вежба со НАТО сојузнициците, каде преку разни вежбовни операции е демонстрирано единството на Северноатлантската Алијанса во име на безбедноста на секоја земја членка и во име на светскиот мир.

-Со нашето членство во НАТО, Република Северна Македонија не е повеќе објект на гео-политичката сцена, туку субјект кој активно учествува во носењето на одлуки од светско значење, заедно, на иста маса со светски супер сили. Ова е најдобрата потврда за исправноста на одлуките кои се носеа во државата пред три години и ова е најдобар демант за оние кои беа против тие одлуки, носени пред три години во нашата држава, истакна Ковачевски.

Премиерот Ковачевски потенцира дека нашата држава преку негување на принципите на добрососедство, денес прерасна во земја фактор на стабилност, кредибилен партнер на ЕУ и НАТО.

„Со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС и зачленувањето во големото НАТО семејство, ги заштитивме нашите идентитетски одредници, го заштитивме нашиот македонски јазик и нашата култура. Под штитот на НАТО и силната поддршка од сојузниците и нашите стратешки партнери, нашата држава е посилна и постабилна од кога било. И политички и економски, бидејќи почетокот на преговорите со ЕУ и стабилноста со членството во НАТО донесе поволен и предвидлив амбиент за странските директни инвестиции, кои во услови на криза, достигнаа рекорден историски износ од 753 милиони евра, што е највисоко ниво на вакви инвестиции во земјата, и тоа двојно повеќе во споредба со 2016 година“, нагласи премиерот Ковачевски.

Осврнувајќи се на достигнувањата на Армијата, премиерот оцени дека нашата армија денес располага со најсовремена воена опрема, која е тука благодарение на нашите партнерства со САД, Франција, Турција и со други земји членки на НАТО.

При тоа, премиерот Ковачевски ја потенцираше поддршката за Армијата, нагласувајќи дека буџетот на Министерството за одбрана кој растеше изминатите години, годинава достигна највисоко ниво и опфаќа 1,85 отсто од БДП.

„Инвестиравме во нашата Армија и ги подобривме условите за припадниците на Армијата. Само за годинава, ги зголемивме платите на припадниците на Армијата за речиси 8.000 денари. Ако нето платата на еден професионален војник во Армијата во 2010 година изнесувала 21.000 денари, денес, таа е над 46.000 денари, заедно со закупнината, која сега, за разлика од тогаш, ја земаат сите припадници на Армијата. Месечната нето плата, пак, на професионален војник во нашата НАТО декларирана единица, заедно со закупнината е околу 51.500 денари, а платите се и повисоки, зависно од чиновите на припадниците на Армијата“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека професионалните војници се стекнаа со правото на исплата на станарина од моментот на склучување на првиот договор за вработување во Армијата.

Вежбата е од особено значење за нашата Армија во однос на споделување на знаења, способности и вештини, подобрување на интероперабилноста и меѓусебна оперативна синхронизираност помеѓу армиите на НАТО и партнерските армии, низ широк спектар на речиси симултани операции, кои се изведуваат во повеќе зони, демонстрирање на обединетоста на НАТО Алијансата за безбедноста на секоја земја членка, како и потврда на можностите на „АП Криволак“ за изведување на разновиден вид на вежбовни операции и користење на разновиден вид на борбени средства и вооружување.

Припадниците на армиите кои учествуваат во вежбата презентираа комбинирани копнени активности: „Мултинационална чета во напад, подржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка“.

Во предвидените вежбовни активности е предвидена употреба на роботизираното софистицирано возило т.н. “Project Origin”, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое за прв пат ќе тестира во вежбовни услови испалување на противоклопна ракета од типот „Javelin“ која е дел од неговото вооружување.

Вежбата  „Брз одговор 23“ е поврзана со комплексот на вежби „Defender Europe 23”, кои на годишно ниво редовно се реализираат на тлото на Европа, предводени од Армијата на САД за Европа и Африка. „Брз одговор 23“ ќе се изведува во 8 земји во регионот: Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Косово.