Нова група граѓани од Авганистан пристигна попладневно на аеродромот во Скопје. Според информациите од Владата, станува збор за вкупно 44 цивили, меѓу нив жени и деца.
-Денеска на Меѓународниот аеродром во Скопје пристигнаа 44 граѓани од Авганистан, односно од организацијата Тиркиз моунтејн (Тurquoise Мountаin). Овие лица се активисти на оваа организација, но меѓу нив има и членови на нивните семејства. Организацијата е основана во 2006 година од Принцот Чарлс. Инаку организацијата Тurquoise Мountаin е меѓународна организација со хумана мисија која изминативе години имаше свои успешни активности во Авганистан. Дополнително, сакаме да истакнеме дека оваа организација реставрираше повеќе од 150 историски објекти, третираше околу 165 илјади пациенти во клиниката во Кабул, отвори и поддржа повеќе од 50 мали бизниси воо Авганистан, Мјанмар, и други активности. Лицата ќе бидат привремено сместени во Скопје додека не се обезбеди трансфер до крајна нивна дестинација. Трошоците и за оваа група ќе бидат целосно покриени од меѓународните организации, велат од Владата.
Ова е втора група Авганистанци кои пристигнаа во Северна Македонија откако во нивната земја власта ја презедоа талибанците. Во првата група имаше 149 лица, меѓу кои и жени и деца. Тие пристигнаа на 31 август.
Како што информираа од Владата, станува збор за цивили кои работеле или соработувале со Американците, работеле во НВО, во изминатите 20 години, пред Талибанците да ја преземат контролата во оваа држава.