Три лица, меѓу кои и едно дете, загинаа откако се урна покривот на трговски центар, а уште 79 лица се повредени во инцидент што се случи на „Реал Плаза“ во Перу.

Сведоците на местото на настанот велат дека слушнале силен удар непосредно пред да се урне покривот.

„Имаше многу силна бучава, а потоа облак прашина каде што се урна покривот“, рече сведокот.

„Во Реал Плаза длабоко жалиме поради тоа што се случи во нашиот трговски центар и изразуваме длабоко сочувство до семејствата на загинатите. Исто така, им изразуваме апсолутна поддршка на сите семејства и на повредените во оваа несреќа“, рече портпаролот на трговскиот центар „Реал Плаза“.

Над 200 полицајци се на терен, кои заедно со спасувачите ја пребаруваат областа под урнатините за да ги спасат затрупаните луѓе.

На снимките се гледа како спасувачите ја пребаруваат областа и се слуша глас кој се обидува да ги повика затрупаните луѓе.