Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кои се однесуваа на постојаното поскапување на цените, лошиот животен стандард на граѓаните, како и одбивањето на власта да ги покачи платите, во време кога трошоците за живот растат.
„Македонија станува земја во која трудот не се вреднува, достоинството на граѓаните, на работниците е понижено. После 15 месеци, граѓаните гледаат и чувствуваат на свој грб дека од оваа влада не можат да очекуваат никаква помош, ниту мерки за подобрување на животниот стандард, ниту повиски плати. Гледаат и слушнаа дека се оставени сами“.
Статистиката, вели таа, постојано регистрира раст на основните трошоците за живот растат, на цените, а стагнирање на платите.
„Да не се лажеме, забавувањето на инфлацијата на месечно ниво за август како што сака да прикаже премиерот не е репер дека нешто се подобрува. Македонија има инфлација меѓу највисоките во Европа. Просечната инфлација во ЕУ изнесува 2.1%, а кај нас во август годинава е двојно повеќе, 4.4%. Само прехранбените производи се поскапи за 6,7%, а дури за 11% во август се поскапени зеленчукот и овошјето. Цените на сите производи одат само нагоре. Минималната синдикална кошница, откако сте на власт, секој месец урива нови рекорди.
Ова според неа, значи дека во периодот откако оваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е на власт, основните трошоци за живот се зголемени за околу 4.300 денари. Во исто време, додаде дека минималната плата е зголемена за само 1.800 денари.
„Ова е директен удар врз стандардот на граѓаните и работниците. Овие бројки се поразителни и доказ дека немате ниту капацитет ниту желба да ја зауздате растечката инфлација и цените. Секоја мерка овие 15 месеци ви доживеа дебакл.Наместо да ги заштитите граѓаните, застанавте на страната на заштита на профитите на големите маркети. Платите не мрднуваат, додека земјите од регионот веќе донесоа одлука за раст на минималната плата. Во Албанија од следната година минималната плата ќе биде 500 евра, во Србија 550 евра – нашите граѓани остануваат на дното.
Македонската просечна плата е само 35% од просечната плата во ЕУ, а цените достигнуваат 60% од европскиот просек на цени“.
СДСМ, кажа таа, и во најголемите кризи, и за време на ковидот и за време на енергетската криза, не барала изговори за зголемување на платите – тие постојано растеле .
„Ги заштитивме работните места, компаниите, го заштитвме стандардот на граѓаните со мерки од над 2 милијарди евра, кои што директно ги упативме кон граѓаните. Додека ние се грижевме, вие ги манипулиравте граѓаните. Оттука, имам две прашања до вас министре:Дали планирате да донесете мерки за намалување на цените на прехранбените производи? Дали ќе ги прифатите предлозите на пратеничката група на СДСМ за зголемување на минималната плата на 500 евра и укинување на ДДВ за прехранбени производи?