Ги имаме законите, тука се, тие се компатибилни со европските директиви, но за жал, само поради еден елемент, има голем недостаток, вели Аријан Тоска, директор на МДЦ-Ти.Нет, на панелот на ЦИВИЛ на тема „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“.

„Зелената агенда е реалност, ја живееме секој ден. Кога ќе излезам од дома, прва работа ми е отпадоците што ќе ги фрлам, се соочувам со фактот дека тука прекинува таа зелена агенда, иако ја имам во глава, заради тоа што тоа сме го работеле подолг период. Отпадоците не ги двоиме, и нема каде да ги одложуваме одвоено. Не сме сигурни дека тоа што ќе биде одложено, ќе заврши во циркуларната економија, и тоа е едниот елемент. Вториот елемент, во делот на транспортот, за жал, во Град Скопје, поголем дел од времето сме принудени да користиме сопствени возила за да стигнеме до одредени дестинации, иако кога е вакво убаво времето, можеме и пеш. Но, јавниот транспорт тука навистина недостига. Тоа се индикатори кои што ги гледаме од аспект на зелената агенда, кои што се доста негативни за Македонија.

Тоска се осврна и на биодиверзитетот и необезбедувањето услови за одржлив развој.

„Во делот на биодиверзитетот, кое го спомна заменик министерката, би сакал да кажам дека во еден поглед, нашите природни области се навистина сочувани, во споредба со другите околни земји. Но, од друга страна, имаме еден капитулирачки факт, дека во одредени области, каде што се наоѓаат овие природни и заштитени области, национални паркови итн., останати сме само со една третина од населението. Веќе го нема населението. Не сме обезбедиле услови за да има одржлив развој, за тоа население да може да преживее во рамки на она што го нуди природата, не оштетувајќи ја истата.

Циркуларната економија се надоврзува со повеќе закони, од законот за управување со отпад, до законот за управување со отпадоци од пакување. И тука имаме одредени моменти коишто се аномалија во поглед на тоа што го кажа Оџаклиеска, ги имаме законите, тука се, тие се компатибилни со европските директиви, но за жал, само поради еден елемент, има голем недостаток. На пример, во законот за управување со отпадоци од пакување, го имаме фактот дека немаме следливост на материјалот, иако имаме одлични резултати во поглед на тоа што се собира и што се обработува во државата“, посочува Тоска.

Панел –дискусијата е дел од проектот „Зелен форум“ што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.