Фудбалерите на Леванте приредија големо изненадување во 21. коло од Ла Лига со победата над Реал Мадрид од 1:2 и тоа на гости.

Со овој пораз, актуелниот шампион дополнително се оддалечи од одбрана на титулата бидејќи лидерот на табелата, Атлетико Мадрид има седум бода повеќе и два натпревари помалку.

Ова воедно беше четврти пораз за Реал Мадрид сезонава кој дополнително ќе го зголеми притисокот врз тренерот Зинедин Зидан.
Натпреварот започна со црвен картон на Едер Милитао во деветтата минута, но Реал и со играч помалку успеа прв да постигне гол, Марко Асенсио погоди во 13. минута.

Екипата на Леванте за која од 60. минута настапи и македонскиот репрезентативец Енис Барди, до крајот на полувремето успеа да го израмни резултатот благодарение на Моралес.

Во второто полувреме, гостите ја искористија предноста од играч повеќе и иако промашија пенал во 64. минута, сепак со голот на Роџер во 78. минута дојдоа до голема победа над „кралскиот“ клуб.
Трите бода го искачија Леванте на деветтото место на табелата и сега има 26 бодови, само пет помалку од позициите кои носат пласман во Лигата на Европа.