Пратениците на владејачката партија и опозицијата се судрија во турскиот парламент по спорот околу наследството на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, пренесуваат регионалните медиуми.
Физичката пресметка се случи вчера за време на жестока дебата за предлогот за буџетот за 2026 година. Пратениците разменија удари, но и законот за буџетот и законот за финансиски извештај за 2024 година на крајот беа усвоени.
Судирот избувна откако пратеникот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), Мустафа Варанк, даде изјави насочени кон лидерот на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), Озгур Озел, за време на дебатата за буџетот во Големото национално собрание на Турција.
Откако Варанк го прозва Озел, заменик-претседателот на парламентарната група на ЦХП, Гохан Гунајдин, реагираше од говорницата, обвинувајќи ја АКП за намерно разгорување контроверзии за време на дебатата за буџетот.
Дебатата потоа ескалираше во размена на остри обвинувања за наследството на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк. По понатамошни провокации, избувна физичка пресметка. Пратениците почнаа да се туркаат, по што следуваа тупаници.
Судирот траеше околу десет минути. Пратениците се туркаа додека обезбедувањето и другите пратеници се обидуваа да ги разделат. И покрај сè, парламентот продолжи да работи. Нацрт-законот за буџетот за следната година беше изгласан со 320 гласа „за“ и 249 „против“, додека конечниот буџет за 2024 година беше усвоен со 316 гласа „за“ и 247 „против“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го пофали гласањето за буџетот во објава на социјалната мрежа Икс. „Сакам нацрт-законот за буџетот за 2026 година, кој беше усвоен вечерва во Големото национално собрание на Турција, да биде од корист за нашата земја, нашиот народ и нашата економија“, рече Ердоган.
Фото: депозитфотос
Текстот (Видео) Тепачка во турскиот парламент е превземен од МАКФАКС.























