Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул изјави дека Тајланд ќе продолжи со воените операции сè додека територијата и населението на земјата повеќе не бидат загрозени.

Во објава на социјалните мрежи, Анутин ја отфрли претходната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека експлозијата на бомба покрај патот, во која загинале и биле ранети тајландски војници, била инцидент, додавајќи дека Тајланд возвратил многу силно, јави Синхуа.

Тајландските медиуми, повикувајќи се на воен извор, објавија дека Кралското тајландско воздухопловство во саботата распоредило два борбени авиони Ф-16 кои бомбардирале цели долж границата со Камбоџа.

И покрај мировниот договор што премиерите на Тајланд и Камбоџа го потпишале на 26 октомври на самитот на АСЕАН во Куала Лумпур, во присуство на Трамп, воените судири повторно продолжиле на 7 декември на тајландско-камбоџанската граница.

Камбоџа соопшти дека Тајланд утрото продолжил со напади на гранични цели, користејќи и борбени авиони, неколку часа откако Трамп објави дека посредувал во прекин на огнот. Камбоџанското Министерство за информирање наведе дека тајландските сили не престанале со бомбардирањето, пренесе Ројтерс.

Тајландската војска, пак, ги отфрли обвинувањата и ја обвини Камбоџа за „повеќекратни прекршувања на меѓународните правила“, вклучително и напади врз цивилни цели и поставување мини.

Иако Трамп соопшти дека лидерите на двете земји се согласиле за прекин на огнот, Анутин изјави дека таков прекин нема, наведува Ројтерс.

Фото: depositphotos

Текстот (Видео) Тајланд: Воените операции ќе продолжат додека земјата е загрозена е превземен од МАКФАКС.