Повредени и приведени има на протестот на фудбалските фанови во Бугарија против управата на Бугарскиот фудбалски сојуз, што се одржа пред националниот стадион „Васил Левски“ пред и за време на натпреварот помеѓу Бугарија и Унгарија од од квалификациите за ЕП 2024, објави БГНЕС.
Тензијата пред националниот стадион „Васил Левски“ опасно ескалира откако насобраните на протест против раководството на БФС почнаа да фрлаат кон полицајците со факели и разни предмети. Полицијата употреби воден топ.
Органите на редот користеа и солзавец за да ја задржат ситуацијата под контрола. За возврат, навивачите почнаа да фрлаат шипки кон полицијата. Ситуацијата не можеше да се стави под контрола повеќе од 15 минути. Во центарот на Софија гореше на неколку места, беше запалено полициско.
Се соопштува за десетици повредени полицајци и навивачи.
По повеќе од еден час „борбени“ сцени, ситуацијата се смири околу 19:30 часот. Има многу ранети полицајци, има и апсења за вандализмот во центарот на Софија, објавија бугарските медиуми.
„Невидени акти на вандализам и агресија“, вели началникот на полицијата, Стефан Иванов.
Лидерот на партијата ГЕРБ Бојко Борисов преку социјалната мрежа Facebook го повика претседателот на Бугарскиот фудбалски сојуз Борислав Михајлов да си поднесе оставка.
Од своја страна пак, неговиот близок соработник, исто така висок функционер на БФС Јордан Лечков, на прашање од БГНЕС како ќе ги коментира случувањата од оваа вечер изјавил „Што треба да одговорам“ и додал дека тие не ја предизвикале „ненормалната атмосфера“.
Друг висок функционер на БФС, исто така легендарен бугарски фудбалер Емил Костадинов вели дека медиумите биле агресивни и дека фановите не требало на ваков начин да ја изразуваат своето незадоволство. Од Спортал јавуваат дека Костадинов им покажал среден прст на медиумите, откако ја дал својата изјава одејќи кон неговиот автомобил.
Од СДВР-Софија објавија дека утре во 8 часот бугарско време раководството на полицијата ќе даде брифинг со целосната информација за настаните што се случија вечерва во бугарскиот главен град.