Во тешка железничка несреќа во близина на најпознатата туристичка атракција во Перу, Мачу Пикчу, загина машиновозач, а најмалку 40 лица беа повредени. Директниот судир меѓу два воза се случи на единствената железничка линија што води до древниот град на Инките, јавува Би-би-си.

Според соопштението на локалните власти, на местото на настанот биле испратени 20 амбулантни возила, а повредените биле однесени во медицински установи во блискиот град Куско. Здравствен службеник за Ројтерс изјави дека најмалку 20 од повредените се во сериозна состојба.

Американската амбасада во Перу потврди дека меѓу повредените има американски државјани, додека полицијата сè уште ги идентификува сите вклучени во несреќата. Локалниот медиум Peru21 известува дека стотици туристи сè уште чекаат да бидат евакуирани од местото на несреќата, што е отежнато поради многу непристапниот терен.

Судирот се случил на линијата што ги поврзува станицата Олантајтамбо и Агуас Калиентес, најблискиот град до Мачу Пикчу, а патувањето помеѓу двете станици вообичаено трае околу 90 минути.

Во несреќата учествувале возови на PeruRail и Inca Rail. „Длабоко жалиме за тоа што се случи“, соопшти PeruRail, додавајќи дека нивниот персонал веднаш им пружил прва помош на машиновозачот, кондуктерот и патниците. Причината за несреќата сè уште е непозната.

Текстот (Видео) Судир на возови на железничката пруга кон Мачу Пикчу: еден загинат, десетици повредени е превземен од МАКФАКС.