Француски туристи кои случајно се нашле во близина на пожарот во швајцарскиот Кран-Монтана раскажуваат за драматичните сцени и помошта што ја пружиле уште пред пристигнувањето на службите. Тие велат дека траумата ќе ја носат цел живот.

Размерите на страдањето кои ги видел за време на пожарот во швајцарскиот Кран-Монтана длабоко го потресле 22-годишниот француски турист Жереми Ална кој се нашол на местото на несреќата. Тој и неговите пријатели биле меѓу првите кои им помагале на повредените, уште пред пристигнувањето на итните служби, а сцените на кои биле сведоци, вели, ќе го прогонуваат цел живот.

– Луѓето беа во толкава неволја што можевме да слушнеме силни, страшни врисоци. Двајца мои пријатели отидоа по нив. Без двоумење влегоа во барот и извлекоа човек што го најдоа на подот. Го изнесоа надвор. Еден од моите пријатели остана со него еден до еден и пол час, постојано повторувајќи му: ‘Ќе биде сè во ред, не грижи се’ – ги опиша сведокот драматичните моменти во видео-интервју за Ројтерс.

Додека помагале на тешко повредениот маж, останатиот дел од друштвото трчал низ градот за да обезбеди ќебиња и вода за другите жртви.

– Трчавме низ целиот град, до околните барови, за да најдеме ќебиња и вода. Луѓето беа многу благодарни. Ја дадов и мојата јакна. Видов дека навистина им беше потребна помош – раскажа младиот Француз.

Само еден ден претходно и самиот бил во барот Ле Констеласион, кој го опиша како тесен подрум до кој се стигнува по мало скалило.

– Она што најмногу ме шокира се сликите што ми останаа – луѓе тешко повредени од пожарот. Некои не можеше ни да се препознаат. Мислам дека ќе бидам трауматизиран до крајот на животот – вели Ална.

Смртоносниот пожар што избувна во бар во швајцарското алпско одморалиште Кран Монтана за време на прославата на Новата година, во кој загинаа најмалку 40 лица, веројатно бил предизвикан од прскалки поствани на шишиња шампањ кои биле преблиску до плафонот и го запалиле, соопштија синоќа швајцарските власти.

Ова е во согласност со фотографиите и видео снимките од барот што циркулираат на социјалните мрежи и за кои е утврдено дека се автентични.

Вкупно 119 лица се примени во болници со повреди, од кои повеќето се сериозни. Од нивр 113 се идентификувани, меѓу нив има 71 швајцарски, 14 француски, 11 италијански и 4 српски државјани. Некои од повредените се и од Босна и Херцеговина, Белгија, Луксембург, Полска и Португалија.

Надлежните органи испитуваат дали биле почитувани сите мерки на претпазливост за противпожарна безбедност и дали треба да биде покрената кривична постапка за убиство од небрежност. Ова би било случај ако лицата кои би можеле да бидат одговорни за трагедијата се уште живи.

Текстот (Видео) Страшни сведоштва на луѓе кои спасувале повредени во пожарот во Кран Монтана е превземен од МАКФАКС.