Окружното обвинителство на Сараево денес ја продолжи истрагата за околностите околу тешката сообраќајна несреќа што се случи претходниот ден кога трамвај излета од шините во центарот на Сараево, при што загина едно лице, а четири други беа повредени, од кои едно тешко.

Обвинителството најави дека нема да изнесуваат никакви информации додека не заврши истрагата, вклучително и стручен преглед на уништениот трамвај кој беше изваден од шините дури вчера вечерта. Видео од моментот на несреќата што се појави на социјалните мрежи и е снимено од автомобил што минува, јасно го покажува трамвајот како влегува во кривината со голема брзина, иако ограничувањето за трамвај на таа локација е 10 километри на час.

Првичните проценки се дека големата брзина, но и лошата состојба на стариот трамвај, довеле до излетувањето од шините, каде што тој ја пробил заштитната ограда и завршил на прометен пат.

По полициската истрага, беше потврдено дека лицето кое беше згмечено до смрт од трамвајот всушност е 23-годишен млад човек. Во времето на несреќата, тој го чекал на станицата трамвајот што го уби.

Медиумите објавија дека станува збор за Ердоан Моранкиќ од Брчко, кој студирал ликовни уметности во Сараево.

„Никогаш не поминуваше без да се поздрави. Им помагаше на сите и сите го фалеа. Во шок сме и не можеме да веруваме дека ова се случи“, изјави неименуван извор од Академијата за ликовни уметности за порталот „Дневни аваз“.

Повредена девојка сè уште се бори за живот
Општата болница во Сараево потврди дека на 17-годишно девојче кое е тешко повредено по ударот од трамвај, морало да ѝ се ампутира ногата, а нејзиниот живот сè уште е во опасност.

„Продолжуваме со интензивната терапија“, изјави директорот на болницата Исмет Гавранкапетановиќ.

Јавната транспортна компанија ГРАС во Сараево, која управува со трамвајскиот сообраќај, објави дека нема да коментира за случајот додека не заврши истрагата.

Окружниот министер за транспорт Аднан Штета објави дека ќе инсистира да се утврдат сите околности на несреќата и одговорните да бидат казнети.

Текстот (Видео) Страшна сообраќајна несреќа во Сараево: 23-годишник загина кога го удри трамвај на станица е превземен од МАКФАКС.