Екипата на Јувентус има максимален ефект во 2021 година, вечерва против Сасуоло ја остварија и третата победа во третиот натпревар годинава.
„Старата дама“ со 3:1 го совлада Сасуоло и се наоѓа начетвртата позиција на табелата со 33 бода, седум помалку од лидерот Милан.
Сите голови паднаа во второто полувреме, а гол серијата ја отвори Данило со голот во 50. минута. Осум минути подоцна Сасуоло преку Дефрел израмни, но не успеа да го издржи притисокот од домашните фудбалери.
Арон Рамзи во 82. минута зголеми на 2:1, а конечниот резултат го постави Кристијано Роналдо во втората минута од судиското продолжение.
Наредниот натпревар во Серија А за Јувентус ќе претставува вистински предизвик бидејќи му гостуваат на Интер.