Ахмед ал-Ахмед, 43-годишен продавач на овошје од сириско потекло, стана национален херој по неговата храбра интервенција за време на масакрот на плажата Бонди минатата недела. Додека се опоравува од сериозни повреди во болница, илјадници луѓе ја изразија својата поддршка со донации што надминуваат 2,5 милиони долари, објави „Унилад“.
Во еден од најмрачните моменти во поновата австралиска историја, пред четири дена, двајца вооружени лица отворија оган на преполната плажа Бонди во Сиднеј. Ахмед реагираше без двоумење, успевајќи да го совлада и разоружа еден од напаѓачите, чин за кој многумина веруваат дека спасил безброј животи. Во нападот загинаа 15 лица, вклучувајќи и еден од напаѓачите, 50-годишниот Саџид Акрам. Ахмед беше застрелан двапати за време на неговата херојска акција.
Снимките од неговиот храбар чин брзо станаа вирални, што доведе до започнување кампања GoFundMe која собра повеќе од 42.000 донации. Неговиот адвокат Сем Иса денес извести за здравствената состојба на Ахмед.
Тој потврди дека Ахмед бил подложен на „многу сложена операција“ поради „оштетување на нервите“ и дека „тој денеска очекувано трпи големи болки“. Додаде дека таткото на две деца се подготвува за уште една осумчасовна операција следниот ден.
Претходно оваа недела, Ахмед се обрати на јавноста за прв пат од болничкиот кревет. Во видео објавено од турската телевизија ТРТ Ворлд, тој зборуваше на арапски. „Ги ценам напорите на сите. Со Божја волја, ќе ви се вратиме со радост. Ви благодарам за вашите напори. Поминав низ многу тешка фаза… Ја молам мајка ми, зеницата на моето око, да се моли за мене“, рече тој.
Ахмед беше посетен и во болница од високи австралиски функционери.
„Многу си силен. Твоето срце е силно. Твојата храброст е инспиративна“, му рече премиерот Ентони Албанезе. Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, исто така го посети. „Ова е најневеројатната сцена што некогаш сум ја видел.“
Полицијата во меѓувреме го обвини преживеаниот осомничен, 24-годишниот Навид Акрам, за 59 кривични дела, вклучувајќи 15 обвиненија за убиство, извршување терористички акт, 40 обвиненија за нанесување тешки телесни повреди со намера за убиство, како и поставување експлозиви и јавно прикажување на симбол на забранета терористичка организација.
Текстот (Видео) Собрани над 2,5 милиони долари за херојот што го спречи напаѓачот од Сиднеј е превземен од МАКФАКС.























