Снимките направени од дрон го прикажуваат целиот хорор предизвикан од поплавите во кинеската провинција Хенан.

На снимката се гледаат автомобили што ги носи вода, како и метро-станицата, која е поплавена, пишува Би-би-си.

Фотографиите покажуваат и голема штета предизвикана од рекордните врнежи од дожд што го погодија големиот град Џенгџоу во вторникот вечерта.

Областа погодена од катастрофата опфаќа повеќе од три милиони луѓе во 103 заедници, а 256.000 луѓе се евакуирани, соопштија властите во провинцијата Хенан.

Површината на оштетеното земјоделско земјиште се проценува на речиси 215.000 хектари, а директната економска штета на приближно 190 милиони долари.

Според новиот биланс на состојбата објавен денес од националната телевизија, најмалку 33 лица загинаа во големите поплави, а осум се водат како исчезнати.