СДСМ денеска открива уште еден скандал кој покажува до каде ја доведе државата и институициите оваа неспособна власт на ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

„Во овој момент, Државниот инспекторат за труд практично не постои. Од 28 февруари, државните инспектори од Трудовиот инспекторат се одјавени од Агенцијата за вработување.
Инспекторите кои треба да се борат против работата на црно, самите работат на црно. Веќе цела недела не се вработени, односно се отпуштени од работа“, кажа Кузеска.

Како што оцени, Владата на Мицкоски ги доведе во ситуација тие да работат без правен основ, што е скандалозно и апсолутно недозволиво.

Но скандалот е уште поголем, додава таа, затоа што ова значи дека сите инспекциски надзори кои ги спроведуваат се апсолутно нелегални, незаконски.

„Сите акции што се спроведуваат со Министерството за внатрешни работи во изминатите денови се правно неважечки. И тоа не е сè. Инспекторите ја добиле својата плата за декември 2024 година дури на 12 февруари оваа година, а за јануари и февруари 2025 година – платите сè уште не им се исплатени. Тоа значи дека тие немаат ниту здравствено осигурување, што е директен напад врз нивните основни работнички права. Замислете, тие што треба да ги штитат работниците власта ги остави незаштитени, без работа, без плата и без осигурување. Парадокси на новото нормално на ДПМНЕ“.

Според неа, ова се резултатите од избрзаните и непромислени измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, против кои СДСМ предупредуваше уште минатата година.

Иако два пати се носеа законски измени, за Кузеска проблемот не е решен.

Неспособната Власта, како што вели, доведе до хаос во администрацијата, што денеска го гледаме со сопствени очи.

Од СДСМ бараат власта веднаш да го реши проблемот, сите инспектори да бидат повторно пријавени и да им се исплати платата.

За овој хаос во Државниот инспекторат за труд, мора да има одговорност, нагласи Кузеска.