Симона Поповска го објави својот нов музички проект „Небитен“, емотивна поп-балада која ја раскажува приказната за моментот кога сфаќаме дека сме станале небитни за некој што сè уште ни значи.

Автор на музиката и аранжманот е Панче Касапски, додека текстот е дело на Кристина Зимбакова Маркоски, во продукција, микс и мастеринг на Дулелуд, во соработка со самата Симона, која учествува и во пратечките вокали.

Видеоспотот се снимаше во планинскиот еко центар Grizzly – уникатна дестинација на најубавиот видик на езерото Козјак, во продукција на 20TWO Studio a под режисерската палка на Крсте Шупев.

Видео записот ја следи оваа внатрешна трансформација преку силна визуелна симболика. Главниот лик е жена која надворешно изгледа смирено и контролирано облечена во црно, во стаклен простор среде шума. Таа гледа кон светот надвор, но останува затворена во сопствената тишина, стабилна однадвор, а скршена одвнатре.

Во вториот дел од приказната, истата жена е прикажана во стаклена кутија, обвиткана во нежни слоеви, речиси разголена од сопствените заштити , ранлива, искрена и без маска.

Стиховите „Тажно е што не те ни боли…“ и „Да поверувам, небитен си“ добиваат силна визуелна тежина, претворајќи ја песната во приказна за најтешката битка, прифаќањето дека си станал небитен за некој кој сè уште ти значи.

Во финалето, двете верзии на истата жена се соочуваат лице в лице, допирајќи се преку стакло. Тоа е момент на вистина , прифаќање на болката и сознание дека силата започнува токму кога ќе ја признаеш.

Стајлингот е на самата Симона, во уникатните одела на Сигнори.

„Небитен“ е приказна за љубовта што тивко крши и за храброста да прифатиш дека повеќе не си нечие „сè“.

„Небитен“ е достапна на сите дигитални платформи, а видеото може да се погледне на официјалниот YouTube канал на Симона Поповска.

Текстот (Видео) Симона Поповска го објави својот нов музички проект „Небитен“ е превземен од МАКФАКС.