Состојбата со пожарот во ловиштето „Јасен“ попладнево значително се влоши поради силниот ветер, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
„Јачината на ветрот постепено се зголемуваше и ни предизвика голема непријатност затоа што пожарот се движеше со исклучително голема брзина горејќи ги боровите стебла, создавајќи висока температура и многу густ и црн чад што удираше на гребенот. Нашата цел беше да го одбраниме гребенот и да не му дозволиме на овој пожар да прескокне преку гребенот од страната на селото Брезница, односно од скопска страна. Во тоа успеавме по неколку жестоки битки бидејќи огнот на неколку моменти префрли од другата страна, но благодарение на храброста на вработените во ‘Јасен’, лично овде е и директорот, еден од раководителите, со поддршка од екипа пожарникари од Македонски Брод, успеавме да го запреме по самиот гребен, ги изгаснавме местата на кои огнот префрли од другата страна и ја стабилизиравме ситуацијата“, рече Ангелов.
Пожарот сè уште се движи и создава густ чад што им предизвикува проблеми со дишењето на луѓето на теренот. На помош пристигнуваат пожарникари од Скопје, Велес и Куманово што ќе ги распоредат. Истовремено поддршка стигна и од вработените од Општината Сопиште кои цело време вршат дотур на вода, покрај другите активности. Тука се и припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) на МВР.
Текстот (Видео) Силниот ветер ја влоши состојбата со пожарот во „Јасен“ е превземен од МАКФАКС.