Шумски пожар над Кочани се шири кон градот, а граѓаните на социјалните мрежи споделуваат видеа и фотографии од пожарот кој е блиску до првата линија куќи во градот. Неколку куќи веќе се зафатени од пламените јазици.
Како што јавуваат македонските медиуми, противпожарни возила се веќе на терен, а во гаснењето на пожарот се вклучени и граѓани.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев за „360 степени“ изјави дека постои голема опасност за градот од три страни и дека огнот се гасне со пет противпожарни возила, додека едно возило изгорело.
„Веќе се зафатени повеќе куќи, во непосредна близина има борова шума која е зафатена, се шири во неопределен правец, на каде ќе дувне ветер. Едно возило од противпожарната единица ни го зафати огнот. Во регионов во секое населено место има пожари, не може никој да ни излезе во пресрет, состојбата е очајна. Разговарав со ЦУК повеќе пати, ги молев да ни дадат еден хеликоптер. Нема и нема. Не знам што ќе ни даде ноќта“, изјави Илијев за „360 степени“.
Кочани Гори 🔥 улица Васил Главинов е нај погодена и сите кои можат да помогнат се упатени таму. Граѓаните бегаат од населбата и ги напуштаат куќите за да не се угушат од чадот. Ветерот е многу силен. 🙏🚨 pic.twitter.com/ERwBTilhes
— Boban Alex. (@BobanAlexGFX) August 2, 2021