Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова, денеска изјави дека поради блокадата на ВМРО ДПМНЕ и Данела Арсовска е блокирана изградбата на Пречистителната станица во Трубарево. Шукова изјави дека Скопје со години се соочува со сериозен проблем со отпадните води од канализација, кои директно завршуваат во реката Вардар, загрозувајќи го здравјето на граѓаните и животната средина.

Таа на терен посочи една од локациите на одвод од отпадни води што истекуваат во Вардар.
„Од ова место се гледа кој ги блокира проектите за почисто Скопје и кој не го штити здравјето на граѓаните. Пречистителната станица во Трубарево, вредна 196 милиони евра, обезбедени од Владата на СДСМ со 68 милиони евра грант, поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска тапка во место и нема никаква отчетност и транспарентност,“ рече Шукова.

Таа нагласи дека овој проект е стратешка мисија за Скопје и лично прашање на одговорност. Во својата програма Шукова најави три клучни чекори: Завршување на првата фаза – поставување на основните системи за прочистување на отпадните води и отпочнување на реалниот процес на третман.
Втора напредна фаза – усогласување со европските стандарди и обезбедување капацитет за третман на отпадни води за 650.000 жители.

Одржливост и повторна употреба – 90% од третираната вода ќе може повторно да се користи, што е клучно во услови на климатски промени и раст на урбаното население“.

Според неа, наместо скандали, кавги и партиски интереси, граѓаните заслужуваат модерен систем што ќе го намали загадувањето на Вардар и ќе обезбеди подобар живот за сите. Време е, додаде таа, Скопје да тргне напред, зелено, европски и чесно.

Текстот (Видео) Шукова: Поради блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска, Скопје со години се соочува со сериозен проблем со отпадните води кои го загрозуваат здравјето на граѓаните е превземен од МАКФАКС.