ВМРО-ДПМНЕ прави грабеж и во Карбинци, превоз на ученици што чини 50 денари градоначалникот го наплаќа за 1.013 денари, обвини  Јордан Насев од СДСМ, претседател на ОО Карбинци.

„Ja алармираме јавноста и надлежните институции за скандалозното, коруптивно и расипничко трошење на јавните пари во општина Карбинци, под раководство на градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ, Виктор Паунов. Денеска го објавуваме првиот скандал, малверзации со превозот на ученици. За неполни четири години, локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалнкот Паунов потрошила речиси 500.000 евра за превоз на ученици во основното образование. Скандалот е во тоа што превозот се врши по цени 20 пати повисоки од реалните“, рече тој.

Насев вели дека превоз со Јавното претпријатие Стипион на релација од село Нов Караорман до село Карбинци чини 50 денари, дневен билет во двата правци, а во тендерот за превоз на ученици распишан во учебната 2023/2024 година од општината превоз на едно дете дневно наплаќаат 1.013 денари.

„За одредени релации, еве на пример од Горни Габер до Радање општината наплаќа 1.878 денари или 30 евра дневно. Повторувам, за еден ученик, дневно. За 30 евра истиот превозник обезбедува превоз до Црна Гора во двата правци. Годишно, за еден ученик тоа се 332.640 денари или околу 5.000 евра. 20 пати над реалната сума. Ова е мега скандал. Ова е класичен грабеж на народот од страна на градоначалникот и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ“, рече тој.

Според Насев, овие милионски суми завршуваат во фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ, во што жителите на Карбинци сѐ почесто препознаваат класична злоупотреба на функцијата.

Тој кажа дека СДСМ бара сите надлежни институции да отворат постапки за криминал и корупција во Карбинци.