СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра, најави потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.

„Владата е слепа за ситуацијата во која се наоѓаат илјадници работници, кои едвај го минуваат месецот. Затоа, СДСМ јавно ја изразува својата целосна поддршка на Синдикатите за зголемување на минималната плата на 500 евра. Ова не е само барање на работниците, ова е неопходно, ова е мерка која ќе им го олесни тешкиот живот на многу македонски семејства“, рече тој.

Илиевски потсети дека СДСМ веќе еднаш ги поднело законските измени за поголема минимална плата, за покачување на сите плати, но ВМРО-ДПМНЕ ги одбило.

„Ние нема да се откажеме. СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минималната плата од 500 евра. За достоинствен живот и за фер плати. Ќе видиме кој ќе гласа „ЗА“ народот, а кој повторно ќе го сврти грбот на народот. СДСМ е и ќе остане гласот на работниците, на сите граѓани. СДСМ ги слушаше и почитуваше работниците, и сега е така“, рече Илиевски./Макфакс

Текстот (Видео) СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра е превземен од МАКФАКС.