Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе амандман во Собарнието со кој се бара финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во најголемата трагедија во поново време — пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што загинаа 62 лица, а над 250 беа повредени со трајни последици.
– Ова е еден од клучните амандмани поднесени на ребалансот на Буџетот, со цел да се предвидат 934.340.000 денари како директна помош за погодените семејства. Средствата предвидуваат еднократен надомест за загинатите и финансиска поддршка на повредените, во согласност со степенот на инвалидност – рече пратеникот на СДСМ Оливер Сапсовски на денешната комисиска расправа за ребаланс на буџетот.
Сапсовски потенцираше дека овој амандман е продолжение на иницијативата на СДСМ за носење на Законот за поддршка на настраданите во Кочани — закон што сè уште чека да биде разгледан во надлежната комисија.
– Очекувавме разбирање, солидарност и човечност во оваа постапка, особено затоа што се работи за директна помош на луѓе кои преживеаја хорор, а многу семејства загубија најмили. За жал, власта реши да не покаже ниту политичка ниту човечка волја да застане зад оваа иницијатива. Наместо единство и одговорност, видовме блокада и игнорирање на најголемите страдања на нашите граѓани – потенцираше Сапсовски.
Додаде дека СДСМ останува цврсто посветен на принципите на солидарност и хуманост. Подготвени сме да ги повлечеме сите останати амандмани, доколку власта се премисли и го прифати овој – затоа што веруваме дека нема поважна тема од оваа, рече тој.
– Ниту едно патче, ниту еден канал, ниту едно вработување не е поважно од тоа да помогнеме таму каде што болката е најголема. Ова не е прашање на политика, туку прашање на човечност. Повторно повикуваме на разум и солидарност. Народот во Кочани и цела Македонија заслужува да знае дека институциите не се глуви на нивната болка – рече Сапсовски.