Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, денеска на вонредна прес конференција побара темелна и независна истрага за целиот случај. Апелираше до Обвинителството и сите истражни органи оваа трагедија да ја истражат до крај и граѓаните да ја добијат вистината а одговорните да одговараат.
Постави и неколку прашања до министерот за внатрешни, Панче Тошковски.
„Министре Тошковски, нели е срамно да не поднесете одговорност и оставка вие и сите во институциите во услови кога цела година дискотеката работела без лиценца? Чија, ако не ваша била одговорноста тоа да го провери тоа? Чија ако не ваша и на сите инспекторати кои ги водите била одговорноста да провери цела година дали има неправилности во работењето?
Понатаму одговорете, како тоа полицијата била таму, како што самиот го кажавте, и не ја затворила дискотеката која очигледно работела надвор од сите пропишани стандарди? Како дискотека која никогаш порано, па дури и со старите лиценци, не смееле да работи после 1 часот работела до 3 по полноќ?
Таму се организираат настани секој викенд, дали вие воопшто не мислите дека некој досега требал да провери?
Понатаму, Дирекцијата за заштита и спасување треба еднаш годишно да ги прави проверките за безбедносни стандарди на сите објекти? Дали било направено и како се дозволило да оваа дискотека работи?
Понатаму, како што се гледа од снимките, пожарот е настанат од пиротехнички материјали. Зошто молчите дека токму МВР ги издава и контролира овие компании и поединци кои управуваат со овие средства? Дали и кој е приведен и против кој ќе има постапка во МВР што во дискотека без активна дозвола се палеле пиротехнички материјали. Тука одговорноста е целосно во МВР, зошто молчите за ова?
Дали е точно, дека ова лето оваа дискотека била реновирана и пуштена во употреба? Кој дал согласност за тоа, вие бевте на власт и на централно и на локално ниво?! Кој дозволил да се реновира објект без дозвола и да се пушти во употреба? Дали тука и за што е тука одговорна општината за која велите дека нема никаква одговорност?“, рече Чупеска.
Прес конференцијата започна со минута молк.