Министерството за социјална политика, демографија и млади, формирано од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, останува само институција на хартија без конкретни резултати, кадровска структура или реален план за работа. Ова денеска на прес-конференција го изјави Стефанија Кузмановска, потпретседателка на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ).
„Помина една година откако ВМРО-ДПМНЕ најави формирање на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Наместо резултати – младите добија уште едно големо разочарување“, истакна Кузмановска.
Таа посочи дека наместо функционална институција која ќе ги слуша младите, ќе ги вклучува и ќе им служи, ВМРО-ДПМНЕ им понуди уште една „нефункционална испостава на власта“.
„Ништо од ветените промени. Ништо од системските решенија. Само бирократија, хаос и игнорирање на младите и нивните потреби. Министерството не е ниту кадровски, ниту програмски комплетирано, не презема ниту дел од законските надлежности и нема никаков план“, рече Кузмановска.
Според неа, тоа е „класична формула на ВМРО-ДПМНЕ: повеќе пари – помалку резултати“.
Стефанија Кузмановска ја обвини Владата за нетранспарентност, селективност и партизација во процесите поврзани со младите.
„Министерството е глуво за младите. Сведоци сме на неосновани селективни процеси, нетранспарентни избори на претставници и целосно игнорирање на младинските организации. Ова не е само институционален застој – ова е намерно маргинализирање на младите“, додаде таа.
Кузмановска предупреди дека со сегашната политика, бројот на локални младински совети опаѓа, стратегиите за млади изостануваат, младинските центри се заборавени, а Законот за младинско учество и младински политики – не се спроведува.
„После една година власт на ВМРО-ДПМНЕ, младите живеат потешко и полошо. Ги бројат парите од месец за месец и сè почесто го гледаат спасот надвор од државата“, нагласи таа.
Конкретни барања од СДММ
Од СДММ упатија и конкретни барања до надлежните институции, меѓу кои:
- продолжување на рокот за јавниот повик најмалку до крајот на август,
- негова јавна промоција,
- структуриран дијалог со младинските организации,
- итно преземање на надлежностите од Агенцијата за млади и спорт согласно законските одредби,
- усвојување на сите подзаконски акти за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики,
- активна поддршка за формирање на Националното собрание на млади и Националното советодавно тело,
- прекин на партиските и нетранспарентни процеси за номинација на младински претставници.
„Младите не се статистика, младите не се алатка за ПР. Младите се иднината на оваа земја. А таа иднина, со односот на оваа власт, се губи секој ден“, заврши Кузмановска.