Социјалдемократскиот сојуз врши упад во Академијата за судии и јавни обвинители. Покрај тоа што Советот на обвинители и Судскиот совет назначија свои членови во Управниот одбор, кои немаат право да ги назначат, за заменик член во Академијата ја назначија и Емел Кранли, братучетка на Ветон Кранли, началник на организиран криминал во време на Спасовски, изјави на прес-конференција, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

Како што рече, Емел Кранли, е назначена за заменик на Антоанета Димовски, која е сестра на Снежана Калевска Ванчева од опозициската партија.

„Ветон Кранли беше десна рака на Оливер Спасовски во МВР. Очигледна е партиската поврзаност при назначувањето на неговата братучетка во УО на Академијата за судии и јавни обвинители. СДС со последни сили се обидува да ја партизира Академијата. Очигледно е дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители делуваат како испостава на СДС. Упадот во Академијата за судии и јавни обвинители е диригиран од СДС“, изјаави Лефков, додавајќи дека се работи за незаконски назначувања кои треба да се повлечат.

ВМРО-ДПМНЕ очекува од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги преиспита своите одлуки, а антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да реагираат.