Евросонгот лани не се одржа поради пандемијата, но како да не беше тоа доволно, оваа година, на два месеца од одржувањето на музичкиот натпревар, се нижат скандали околу евровизиските песни.
На Белорусија ѝ се заканува дисквалификација на песната ако не ја промени, македонскиот претставник Васил Гарванлиев со денови е на удар на критики, а сега и руската песна е под истрага.
Моќното руско истражно тело извести во четвртокот дека ја проучува тужбата поднесена од патриотските здруженија поради песната на активистката за женски права, која треба да ја претставува Русија на Евровизија, оценувајќи дека ги поткопува темелите на руската култура.
Русија на Евровизија 2021 година ќе ја претставува Манижа, пејачка родена во Таџикистан и активистка за правата на жените, со песната под назив „Русинка“, која ја фали силата на Русинките и зборува за сексизмот во Русија. Пејачката која се залага за правата на ЛГБТИ-лицата, беше преплавена со ксенофобични и сексистички навреди откако беше номинирана благодарение на гласањето на публиката на руската телевизија.
Руската истражна комисија, тело надлежно за најтешки казнени дела, во четвртокот соопшти дека примила тужба во врска евровизиската песна. Во тужбата се бара од комисијата да преиспита „дали има противзаконски зборови во текстот на песната на пејачката Манижа“.
– Тоа ќе се испита во согласност со законската процедура – изјави портпаролката на истражната комисија Светлана Петренко, пренесуваат руските новински агенции.
Во вторникот, Здружението на воени ветерани, во договор со министерствата за внатрешни работи и за одбрана, со безбедносните служби, во отворено писмо ја повикаа истражната комисија да пподнесе кривична постапка.
Организацијата оценува, меѓу другото, дека пејачката „поттикнува тензии и меѓуетничко непријателство“ меѓу Русите и Таџикистанците.
Здружението на православните жени во четвртокот во отворено писмо соопшти дека „изгледот на пејачката на сцената ги навредува и грубо ги понижува жените во Русија“. Здружението додава дека текстот на песната „отворено ја исмева руската духовност и култура“, поттикнува „омраза кон мажите и со тоа ги уништува темелите на традиционалното семејство“.
Црвен картон за белоруската песна
Претходно овој месец, Европската радиодифузна унија (ЕБУ) ја отфрли белоруската песна за Евросонг и најави дека ќе ја дисквалификува Белорусија ако не ја промени или не предложи нова.
Песната на бендот, кој претходно објавуваше песни во кои ги навредува протестите против претседателот Александар Лукашенко, предизвика бес кај опозициските политичари и повици од некои членови на Европскиот парламент за исфрлање на Белорусија од популарното натпреварување.
Песната на групата „Галаси ЗМеста“ содржи зборови како „ќе ве научам во ред“…