На првиот училишен ден,  на патниот правец Демир Хисар – Битола, кај местото Мраморица, се одржа мирен протест со блокада во времетраење од еден час. Протестот го организираа родителите од Демир Хисар, кои реагираат на последните измени на Законот за средно образование, со кои, како што велат, се ограничуваат правата на нивните деца на избор и бесплатен превоз.

„Учениците денеска беа на првиот училишен ден, бидејќи како родители не сакаме да им го скратиме тоа право. Но, Министерството за образование токму тоа го прави – им го ускратува правото на избор и на нормално школување. Нема да престанеме да се бориме за нивните права додека проблемот не се реши!,“ велат родителите.

Според измените на законот, учениците кои се запишани во средните училишта во Битола мора најпрвин да аплицираат за место во ученички дом. Доколку бидат примени, а одбијат да престојуваат таму, или пак воопшто не поднесат пријава, не им следува бесплатен превоз. Родителите реагираат дека на овој начин се уценети – бидејќи средното образование е задолжително, а државата наместо да обезбеди еднаков пристап, наметнува дополнителни трошоци и ограничувања.

„Кога ги запишувавме децата, потпишавме согласност за превоз, а не за престој во дом. Преку ноќ правилата се сменија и ако не аплицираме во домот – нема превоз, ако аплицираме, а одбиеме да седат – пак нема превоз. Тоа е апсурдно,“ реагираат родителите.

Како пример тие наведуваат семејства со повеќе деца – едното дете е примено во дом, другото не, со што се прават двојни трошоци. Тие велат дека превозот чини околу 3.500 до 4.000 денари месечно зависно од локацијата, додека престојот во дом изнесува 11.000 денари.

Родителите прашуваат и зошто како критериум за бесплатен превоз се зема финансиската состојба на семејствата, за нешто што, според нив, треба целосно да го покрие државата.

Во нивните реакции потсетуваат дека досега се обратиле до повеќе институции – директорката на домот, градоначалниците на Демир Хисар и Битола, како и до Министерството за образование, но без конкретно решение. „Се чувствуваме игнорирани“, велат.

Во моментов, околу 100 ученици од Демир Хисар кои учат во Битола се соочуваат со овој проблем. Родителите предупредуваат дека со измените на законот им се скратува правото на децата да изберат струка која ја нема во нивниот град – како медицинска, економска или техничка.

„Нашите деца не сакаат да седат во домот, ниту пак ние како родители сакаме, бидејќи Демир Хисар не е оддалечен премногу од Битола (помалку од половина час возење). Со оваа одлука им ја уништуваат иднината и соништата. Проблемот не ги засега само учениците од нашиот град, туку и од цела Македонија,“ порачуваат родителите.

Денешниот протест е само прв чекор, велат тие, и најавуваат дека ќе продолжат со активности се додека нивните барања не бидат исполнети. Ќе протестираат утре пред општинската зграда, а незадоволството ќе го изразат и в четврток и петок на патниот правец кон Битола. Ги охрабруваат и родителите од другите градови да им се приклучат за заедно да го изразат револтот и да се изборат за правата на децата.

Текстот (Видео) Родителите од Демир Хисар на протест побараа бесплатен превоз за учениците: „Нема да престанеме да се бориме“ е превземен од МАКФАКС.