Со силни емоции и гнев, родителите на младите кои го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ одржаа уште еден протестен марш под мотото „Задоцнета реакција“ во Кочани. На четвртиот собир по трагедијата, тие порачаа дека ќе ја продолжат битката за правда и нема да дозволат виновниците да останат неказнети.

Од Паркот на Револуцијата, низ улиците на градот, учесниците носеа пораки против корупцијата и ја повикаа државата конечно да го пресече синџирот на криминал и да застане на страната на правдата.

„И врапчињата знаат за криминалот што се шири кај нас. Ние нема да застанеме додека не излезе вистината на виделина“, изјавија родителите.

На протестот, пред зградата на Општина Кочани, каде се сместени повеќе инспекциски служби, родителите и граѓаните поставија директни прашања:

„Дали ви треба дополнителна обука за да знаете што е ваша работа? Децата ни загинаа затоа што институциите заспаа!“, порачаа гневно.

Пред Полициската станица во Кочани, присутните упатија остри критики кон Министерството за внатрешни работи, обвинувајќи ги дека не презеле ништо за да спречат криминални активности во дискотеката „Пулс“.

„После трагедијата дознавме дека таму се продавала дрога. Дали свесно гледавте настрана? Дали нечии профити беа поважни од животите на нашите деца?“, прашаа родителите.

Маршот продолжи кон Основниот суд и Обвинителството, каде родителите побараа брза и вистинска правда.

„Дали животите на нашите деца вредеа толку малку што дозволувате виновните да шетаат слободни? Дали нивната слобода се купува со пари?“, прашаа емотивно родителите.

Протестниот марш заврши таму каде што и почна – во Паркот на Револуцијата. Родителите порачаа дека нема да престанат со борбата за своите деца:

„Ова е само почеток. Ќе не гледате повторно, посилни, погласни и побројни. За нашите деца, за нивната украдена младост, за нивните соништа!“, порачаа организаторите.