Живееме во време кога дигиталните решенија не се прашање на избор, туку на опстанок и на напредок. Западен Балкан не смее да биде заостанат агол на Европа. Нашата иднина е поврзаност, иновации и знаење, истакна премиерот Христијан Мицкоски од Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025 кој се одржува во Скопје.

Регионот, како што рече, покажува дека знае да работи заедно, дека може да создава заеднички дигитален пазар и дека може да биде дел од Европската дигитална декада.

„Долго време нашето општество беше заробено во бирократија – редици пред шалтери, печати и документи кои патуваат од канцеларија во канцеларија. Сите ние сме сведоци како луѓето губат часови, па дури и денови, за услуги кои треба да траат во суштина само неколку минути. Тоа мора да биде минато.

Дигитализацијата е нашиот начин да ја победиме таа инертност и да ја претвориме земјата во вистински сервис на граѓаните. Со дигитализацијата ја рушиме нееднаквоста меѓу оние кои имаат пристап и оние кои се оставени на маргините. Кога секој граѓанин ќе може со еден клик да добие документ, тоа е вистинска демократија. Кога секој земјоделец може брзо да добие субвенција, тоа е правда. Кога секоја компанија може дигитално да аплицира за проект, тоа е развој“.

Според него, со дигитализацијата нашите мали компании добиваат можност да излезат на глобалната сцена.

„Затоа нашата цел е јасна: да станеме центар на дигитални иновации во регионот, земја што ќе привлекува инвеститори и ќе задржува таленти. Но, да не заборавиме – дигитализацијата не е за машините, таа е за луѓето“.

Нашата визија, оценува Мицкоски, е држава која ќе биде целосно дигитална, транспарентна и ефикасна. До крајот на мандатот, најави дека сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн.

„Секој граѓанин ќе има свој дигитален идентитет и пристап до сите институции преку мобилен телефон. Ќе создадеме генерации со дигитални вештини – ученици кои ќе бидат конкурентни со своите врсници во Европа. Ќе градиме систем на сајбер-безбедност што ќе гарантира доверба во дигиталното општество.

Со дигитализацијата стануваме земја којашто ќе биде конкурентна со останатите земји во Европа и со регионот, во којшто заедно ќе чекориме напред“.