„Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови. Се повлекувам од функцијата директор на клинката задоволен со многуте резултати кои заедно ги постигнавме со мојот тим за краток период. Се извинувам на сите кои ги разочарав, и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата“, напиша Кузмановски.
По објавувањето на видеото на социјалните мрежи, денеска министерот за здравство Азир Алиу донел решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, посочија од Министерството.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера соопштија дека ја поддржуваат одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен, и бараат институциите да постапат во согласност со законот и утврдените процедури.
„Во врска со објавите на социјалните мрежи, за директорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури. Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности. Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.