Протестите на опозицијата почнаа вечерва пред зградата на парламентот во Тбилиси поради неодамна одржаните парламентарни избори во Грузија, на кои победи владејачката партија „Грузиски сон“, пренесуваат светските агенции.

Оваа партија во Грузија се залага за соработка со Русија и се противи на воведување санкции против Москва.

Протестите беа организирани на покана на претседателката на државата Салома Зурабишвили, која исто така дојде на протестите. Медиумите потсетуваат дека таа претходните денови велеше дека изборите се фалсификувани и со тоа застана на страната на опозицијата, иако според Уставот не треба да биде партиски ориентирана.

Зурабишвили на насобраните денеска пред парламентот имизјави дека во текот на денот разговарала со странски партнери кои и рекле дека никој од нив не ги признава изборите.

„Сите што сте овде, не ги изгубивте изборите! Гласовите ви ги украдоа, се обидоа да ви ја украдат иднината, но никој нема право на тоа“, рече таа во обраќањето до демонстрантите.

Грузиската опозиција повика на одржување нови парламентарни избори во Грузија, бидејќи не ги признава резултатите од изборите одржани за време на викендот, изјави еден од лидерите на Обединетото национално движење, Ѓорѓи Вашадзе, пренесува РИА Новости.

„Нашето барање е следното: бараме нови парламентарни избори“, рече Вашадзе на митингот во грузискиот главен град Тбилиси.

Други лидери на опозицијата изјавија дека „новите избори треба да се одржат под меѓународно управување“.