Антивладините протести во Иран се проширија во најмалку 16 градови низ земјата, јавува Би-Би-Си. Последните немири се регистрирани во градот Захедан, на истокот на земјата, во близина на границата со Пакистан. Поради прекинот на интернетот и ограничената комуникација, точниот обем на протестите тешко се утврдува.

Протестите траат од 28 декември и се оценуваат како најраспространети немири во Иран во последните години. Демонстрантите извикуваат пароли против врховниот верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кого го обвинуваат за лошите економски и општествени услови во земјата. Дел од учесниците бараат и враќање на поранешниот престолонаследник Реза Пахлави, кој живее во егзил и важи за еден од лидерите на опозицијата.

Пахлави, син на последниот ирански шах соборен во Исламската револуција во 1979 година, ги повика Иранците да им се приклучат на протестите, исто како и седум курдски политички партии и шест курдски организации за права на жените, кои повикаа и на генерален штрајк.

Покрај антивладините демонстрации, во одредени градови се одржаа и контрапротести во поддршка на власта.

Во меѓувреме, насилството ескалира. Во западниот дел на Иран, во местото Малекшахи, демонстрантите се судриле со припадници на Револуционерната гарда, при што било употребено огнено оружје. Сведоци јавуваат за повредени и загинати лица.

Организациите за човекови права наведуваат дека од почетокот на протестите загинале најмалку 48 демонстранти и 14 припадници на безбедносните сили, додека норвешката организација „Iran Human Rights“ тврди дека бројот на убиени демонстранти достигнал најмалку 51, меѓу кои и девет деца. Иранските власти, пак, соопштија дека во судирите загинале и двајца припадници на безбедносните сили, како и тригодишно девојче.

Поради блокадата на интернетот, банкоматите не функционираат, а дебитните картички се неупотребливи, што предизвика паника и масовно снабдување со основни намирници во некои градови, јавуваат локални извори.

Иранската влада официјално потврди дека вовела интернет-блокада поради „безбедносни причини“, наведувајќи дека работи на постепено обновување на услугите.

Техеран ја обвини администрацијата на САД, во координација со Израел, за мешање во внатрешните работи на земјата и за поттикнување насилство. Иранскиот амбасадор во Обединетите нации во писмо до Советот за безбедност наведе дека ваквите дејствија го загрозуваат меѓународниот мир.

Од друга страна, француската, британската и германската влада во заедничко соопштение остро го осудија убиството на демонстранти и повикаа иранските власти да овозможат слобода на изразување и мирно собирање.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран се соочува со „голема неволја“ и дека САД внимателно ја следат состојбата, предупредувајќи дека Вашингтон би можел да интервенира доколку дојде до масовно убивање на демонстранти.

Во меѓувреме, иранскиот јавен обвинител порача дека учесниците во немирите кои ќе оштетат државна имот или ќе се судрат со безбедносните сили може да се соочат и со смртна казна, согласно иранските закони.

Текстот (Видео) Продолжуваат протестите во Иран, насилството ескалира е превземен од МАКФАКС.