Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешна прес-конференција изнесе обвинувања кон поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. Според Петрушевски, двајцата му нуделе помош во тековната судска постапка на докторот Жан Митрев, во замена за отстапување на неговата болница по „багателна цена“.

„Преку државните институции и инсталациите во правосудството, Заев и Филипче вршеле притисок врз др. Жан Митрев за на легален начин и по релативно ниска цена да ја откупат болницата“, изјави Петрушевски.

Тој опиша дека, откако биле замрзнати сметките на доктор Митрев и неговата здравствена установа, бил спречен да продава удели од болницата додека траела постапката. Сепак, според зборовите на пратеникот, поранешната власт го заобиколила ова.

„Користејќи ја својата политичка моќ како власт во државата, ургирале да се тргне забраната за продажба на удели во болницата и му дале предлог на др. Жан Митрев, да им ја продаде болницата по багателна цена, а тие да му помогнат во судската постапка“, рече Петрушевски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овој случај не е изолиран, потсетувајќи дека за други болници во јавноста претходно се ширеле слични информации.

Текстот (Видео) Притисок, замрзнати сметки и понуда за багателен откуп: Како, според ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Филипче сакале да ја преземат болницата на Жан Митрев е превземен од МАКФАКС.