Министерот за здравство Венко Филипче денеска, на граничниот премин Табановце ја пречека делегацијата предводена од неговиот српски колега Златибор Лончар, кој му ја предаде втората пратка од осумте илјади вакцини од компанијата „Фајзер“.
Лончар истакна дека денеска го исполнуваат она што го ветиле и го договорилие претседателот Александар Вучиќ и премиерот Зоран Заев.
Филипче изјави дека овој чин на солидарност кој беше на иницијатива на Заев и Вучиќ сега се реализира и во втората фаза како што беше најавено. Со добиените вакцини е започнат кај нас процесот на имунизација на здравствените работници и тој, како што посочи Филипче, засега се одвива одлично, во еден пункт со шест места во Клиничкиот центар во Скопје. Досега се вакцинирани околу 1300 здравствени работници со динамика од 250 – 300 на ден, која ќе продолжи и понатаму.
Првата пратка од Србија пристигна на 14 февруари, а на примопредавањето на донацијата од 4 680 вакцини присуствуваа премиерот Зоран Заев и српскиот претседателот Александар Вучиќ. Со вакцините на „Фајзер“ кај нас почна процесот на имунизација, првично со вакцинирање на здравствените работници. Следни за вакцинација се ризичните групи граѓани над 70 години.