Референдумот во Молдавија за тоа дали да го промени уставот и да се заложи за влез во ЕУ „виси на конец“, со тоа што процентот на гласови „за“ и „не“ се практично изедначени.
Latest #Moldova EU referendum vote count pic.twitter.com/4yJNRhdKsF
— EU Made Simple (@EU_Made_Simple) October 21, 2024
Во моментов 49,9 отсто од гласовите се за „да“, а 50,1 отсто од гласовите се за „не“, со преброени околу 97 отсто од гласовите. Тоа е резултат што малкумина го очекуваа, бидејќи неколку неодамнешни анкети сугерираа дека гласањето за влез во ЕУ сигурно ќе победи. Актуелната проевропска претседателка Маја Санду претходно го осуди тесниот резултат како производ на странско мешање во молдавската политика.
Таа рече дека тоа е „напад без преседан врз демократијата“, мислејќи на широко распространетите наводи дека Русија им плаќала на луѓето да гласаат на одреден начин, што Москва го негира.
Молдавската претседателка Маја Санду го осуди синоќа „невидениот напад врз демократијата“. Таа ја даде изјавата во моментите кога се пребројаа околу 90 отсто од гласовите и се чинеше дека одговорот „не“ победил сосема убедливо на референдумот поврзан со влезот во ЕУ како стратешка цел на државата.
Неколку неодамнешни истражувања покажаа дека 63 отсто од граѓаните се за европската ориентација на земјата. Како што јави Би-Би-Си, осврнувајќи се на широко распространетите обвинувања за купување гласови, зад кои наводно стои Русија, Санду исто така рече дека нејзината влада има „јасни докази“ дека биле купени 300.000 гласови, што таа го нарече измама без преседан.
„Ги чекаме конечните (изборни) резултати и ќе одговориме со силни одлуки“, рече Санду.
Кремљ ги отфрли обвинувањата за купување гласови.
Изненадување и на претседателските избори
Санду беше прва во првиот круг, но со многу помала разлика од очекуваното – 41% од гласовите – така што сега ќе се соочи со тежок втор круг на почетокот на ноември, каде што нејзините противници најверојатно ќе се обединат против неа.
Вториот е Александар Стојаногло, кој е поддржан од проруската Социјалистичка партија, која освои речиси 30 отсто, повеќе од очекуваното. Ако другите кандидати го поддржат Стојаногл пред вториот круг, Санду би можела да се изложи на реален ризик да не биде реизбрана.
Министерството за надворешни работи на Молдавија соопшти дека гласањето мора да се продолжи во Москва и на две избирачки места во Романија и едно во Франција поради големиот број гласачи. До затворањето во 21 часот на гласачките места одговориле 51 процент од гласачите и врз основа на тоа референдумот бил валиден.
Овие избори се клучни тестови за земјата, која се соочува со избор помеѓу продолжување кон членството во ЕУ или одржување блиски врски со Русија.
Молдавија во моментов е во преговори со ЕУ за членство. Пристапните преговори ќе продолжат и покрај исходот од референдумот, бидејќи тој не беше правно обврзувачки. Гласањето, сепак, требаше да го направи тој процес неповратен. Наместо тоа, сега има поколебливо чувство.