Полициски и армиски возила коишто повеќе од осум години биле целосно запуштени, се пренаменети за да ги гаснат шумските пожари.
Премиерот Христијан Мицкоски кој присуствуваше на презентацијата на 38 возила (уште 5 дополнително ќе бидат доставени), рече дека државата е подготвена да се справи со сезоната на пожарите.
„На овој начин државата заштедува неколку десетици милиони евра, а капацитетите за интервенција се зголемени повеќекратно“, рече премиерот.
Мицкоски додаде и дека оваа недела се очекува да се врати вториот авион за гаснење пожари од сервис, додека третиот треба да пристигне до крајот на месецот или почетокот на август. Исто така, во функција се ставени и по два армиски и полициски хеликоптери.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, на настанот изјави дека се работи за моќни теренски возила со пумпи и цистерни, кои веќе се оперативни.
„Дирекцијата за заштита и спасување во својата структура доби 18 прилагодени моќни теренски возила Пинцгауер (дополнително очекуваме уште 5) со резервоари од 1500 литри, 15 прилагодени оклопни транспортни возила БТР 80 со резервоари од 6 тона и 5 оклопни транспортни возила Хермелин со влечни цистерни од 2, 4, 6 или 8 тона. Сите 43 специјални возила се опремени или се опремуваат со моќни водни пумпи со домет на водниот млаз од 25 до 100 метри“, рече Ангелов.
Ангелов порача дека ова лето „гранката нема да му треба“, истакнувајќи ја подготвеноста во споредба со минатото.
На воениот полигон Пепелиште, присуствуваа и потпретседателот Љупчо Димовски, министрите Тошковски и Мисајловски, градоначалникот Јанчев и други функционери, пришто беше одржана демонстрација на противпожарните капацитети на новите возила.