На 58 повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани веќе им е дадена компресивна облека и носењето ги дава резултати. Директорката на кочанската болница, Катерина Паниќ-Мирчовска вели дека тие ќе добијат и втор пар, а таква облека ќе добијат сите повредени на кои што им е потребна.

„Во однос на компресивната облека можам да ги кажам првите искуства од терен. На 58 повредени веќе им е дадена компресивната облека и тие ја носат. Веќе има позитивни видливи промени на самите лузни. Кога ќе го добијат вториот пар компресивна облека остануваат препораките за носење на облеката во период од 23 часа заедно со компресивни завои. Ќе се потрудиме да ги испочитуваме препораките на компанијата која е производител на компресивата облека и препораките на специјалистите кои подолго време работат со лузни дека ќе им бидат потребни по два пара од компрсивната облека за шест месеци и да се менуваат во следните две години“, вели директорката Паниќ-Мирчовска.

Компресивната облека повредените, во зависност од птребите, ќе ја добиваат во континуитет од Фондот за здравствено осигурување и за неа нема да плаќаат. Освен 58 повредени кои добија по еден пар, земени се мерки за облеката на уште 14 пациенти и таа се изработува.

Директорката Паниќ-Мирчовска најави дека за две недели претставници на компанијата од Германија која ја изработува облеката ќе дојдат во Кочани за да ги чујат забелешките за мерките од повредените кои ја носат. Доколку кај сите мерките се соодветни, ќе почне изработката на вториот пар.

„Компресивната облека им овозможува да ги изведуваат вежбите на физикална медицина, им овозможува да вршат секојдневни активности. Тоа е дополнителна заштита и од сончева светлина бидејќи содржат заштитен фактор 30 во самиот материјал од кој се изработени. Тоа ќе им овозможува непречена работа со екстремитетите. Препораките се да вежбаат и во домашни услови со компресивната облека“, рече директорката Паниќ-Мирчовска.

Таа извести дека во болницата во Кочани стигнале кремите потребни за третман на изгореници и најави дека ќе стигнуваат во зависност од потребите. Поливина од стигната пратка е веќе однесено во Пониква, каде што утре треба да пристигнат пациентите. Директорката вели дека во болницата стигнале и 95 парчиња  од лепенките кои пациентите долго време ги барале и ќе продолжат да стигнуваат на неделно ниво.

Се прават списоци за контролни пулмолошки прегледи, продолжуваат терапиите со плазма збогатена со тромбоцити во болницата, се очекуваат маските за лице, врат и глава направени со три де скенирање на изгорениците, а директорката апелира, родителите да се мачат да бараат специјалисти за естетска хирургија во странство оти тие се во преговори такви специјалисти да дојдат во Кочани.

„Тоа е исто така во соработка со ‘Отобок’, тоа е компанија од Германија која што долго време се занимава со изработка на силиконски материјали кои помагаат во ортотиката и протетиката. Разговарано е со специјалист кој што работи на изработка на естетски, силиконски прсти. Разговарано е со нив како привремено решение додека се консултираат специјалисти по пластична хирургија во однос на тие дечиња кои имаат ампутација на различно ниво на прстињата околу тоа што би бил планот за понатака. Секако не е завршено нивното лекување. И на тие што се хоспитализирани на Клиниката за пластична хирургија и тие што ги очекуваме дополнително да се вратат од странство. Следува и реевалуација и во зависност од потребите ќе се потрудиме, доколку е можно и специјалистите да им ги доведеме тука за да се намалат и трошоците околу патувањата, да се намали малтретирањето на пациентите со одење и барање клиники во странство“, вели директорката Паниќ-Мирчовска.

Во текот на престојот на Пониква, за повредените кои се уште се ученици планирани се средби со нивни наставници, педагози, психолози од училиштата во кои учат за продолжување на образовниот процес.

Текстот (Видео) Повредените во Кочани ќе добиваат по два чифта компресивна облека на шест месеци и препорачливо е да ја носат две години е превземен од МАКФАКС.