Поради Северна Македонија и Бугарија, преписки и обвинувања помеѓу хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот Зоран Милановиќ. Причина е наводен инцидент во Загреб во кој биле нападнати тројца бугарски државјани, а наводно причината била односот на Бугарија кон Северна Македонија.
Според премиерот Пленковиќ виновник, но и подбуцнувач е претседателот Милановиќ кој на состанокот на лидерите од земјите од Западен Балкан на Брди Бријуни кај Крањ пред една недела изјавил дека односот на Бугарија кон Северна Македонија е некоректен и не е добар. Премиерот Пленковиќ смета дека ова е причината поради која настанале инцидентите во Загреб. За потсетување во Хрватска има локални избори.
ЗОРАН МИЛАНОВИЌ – ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ХРВАТСКА
На што мислел Пленковиќ? На какви инциденти? Хрватскиот премиер шета наоколу и треска глупости како некоја баба за некакви напади, за некакво Вартоломејско претпладне за Бугарите во Хрватска. Велиш дека јас сум подбуцнувач, со што сум јас подбуцнувач. Со тоа што предупредив дека политиката на една држава, која Хрватите, да се разбереме, не ги засега кон друга држава, која нам ни е пријателска, е некоректна. Знаете, јас мислам дека тоа однесување и исто како ние сега да им го одрекуваме правото на Бошњаците својот јазик да го нарекуваат бошњачки, затоа што тој постои како таков последните 20 години. Или да им кажеме дека можете да го викаат бошњачки, ама морате да напишете дека тоа претходно бил хрватски јазик. Е, тоа никому во Хрватска не му паѓа на памет. Затоа тоа не треба да им се прави ниту на други. Јас тоа што го имам кажано го чувствувам како свое послание, граѓанско, човечко, некој би рекол христијанско. И сега, каква врска има тоа со инциденти и напади кон Бугари, а тоа не го знам јас како претседател од своите извори ниту кој било друг освен Пленковиќ. Во Хрватска, практично, и нема Бугари. Дневно илјадници Бугари влегуваат во Македонија. Јас би очекувал таму да ги гонат со мачети. Такво нешто нема. Нема. А, што се случило во Хрватска? Тоа што го прави премиерот е многу неодговорно и вие треба да го прашате на што мислел тој. Нема ништо во медиумите, полицијата ништо не објави. Што се случило? Некому се истурила торба со леблебии? Боранија. Јас не знам“,
АНДРЕЈ ПЛЕНКОВИЌ – ПРЕМИЕР НА ХРВАТСКА
Тој подбуцнувач и измамник е одговорен за пријавата што пристигна во Министерството за надворешни и европски работи и во службата на Владата на Хрватска од страна на Амбасадата на Бугарија за напад врз тројца, јас мислев дека се двајца, ама проверив и станува збор за тројца бугарски државјани во Хрватска. Зошто? Затоа што тој нешто зборувал на Брдо кај Крањ. Јас, колку што знам, ако некој нешто направил за С Македонија во надворешно политичка смисла, тогаш тоа е ХДЗ, тогаш тоа е мојата влада, тогаш тоа сме ние. Ние, за разлика од него, минатата година ги деблокиравме преговорите и одлуката да се отпочнат пристапните преговори на С Македонија и Албанија со ЕУ, значи во време на хрватското претседателство, а тој за тоа ништо не придонесе. Тогаш ги решивме проблемите со Франција, Холандија и со Данска. Ова со Бугарија се случи подоцна. Никогаш во нашата многу искрена, политички јасно дефинирана поддршка на С Македонија, не ја антагонизиравме Бугарија. Тој се појавува еднаш и како реперкусија имаме што – некои што го чуле, напаѓаат бугарски државјани во Загреб. Тоа е подбуцнување. Ако тој се прави невешт и дека ништо не знае, како што тоа вообичаено го прави, тогаш може да си продолжи, ама на тој што ја знае таа боза, не може да му ја продаде. Хрватските гласачи постепено ќе сфаќаат за што станува збор“,