Надојдената вода од реката Тркања вчера однесе повеќе 100 јагниња и овци во селото Костурино, на локацијата позната како „Шепово“.
„Струмица денес“ во текот на вчерашниот ден објави дека земјоделците се по своите ниви и се обидуваат да спасат она што може да се спаси. На терен се повеќе багери кои помагаат.
Поради обилните врнежи од дожд, на подрачјето на Општина Струмица беа регистрирани нагли зголемувања на водостоите и излевања од коритата, што предизвика поплави на повеќе локации.
Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, информира дека ги посетил најкритичните точки на терен, меѓу кои и селото Муртино, како и други локации каде состојбата била најизразена.
Според неговите информации, уште од утринските часови механизацијата на ЈП Комуналец била ангажирана на терен, а во интервенциите била вклучена и дополнителна механизација од приватниот сектор.
Од општината додаваат дека се одржува постојан контакт со жителите на погодените подрачја и дека состојбата ќе продолжи будно да се следи, имајќи предвид дека, според најавите, дожд се очекува и во наредните часови и денови.
Текстот (Видео) Поплави во Струмичко: реката однесе повеќе од 100 јагниња и овци од штала во Костурино, поплавени и земјоделски површини е превземен од МАКФАКС.























