Во подрачјето на Херцеговина, во последните 24 часа, семејни куќи и населби се поплавени, реките се излеале и има лизгања на земјиштето, па затоа прогнозите за нови, уште пообилни врнежи од дожд предизвикуваат загриженост кај граѓаните и властите.

Штабот за цивилна заштита на Херцеговско-неретванската жупанија, со седиште во Мостар, предупреди на опасностите што би можеле да ги донесат обилните врнежи од дожд што се очекуваат во следните два дена.

Според метеоролошките прогнози, локално се очекуваат повеќе од 200 литри дожд на квадратен метар, што може да предизвика ненадејни поплави, излевање на реките и нови лизгања на земјиштето. Таква количина на врнежи од дожд е забележана во есента 2024 година, кога последиците во БиХ беа трагични со 27 смртни случаи.

Цивилната заштита предупредува дека интензивните врнежи од дожд можат да доведат до закана за животот и здравјето на населението, сериозни проблеми во сообраќајот, прекини во снабдувањето со електрична енергија и отежнат пристап до одредени населби.

На надлежните служби и јавните претпријатија им се препорачува да бидат во состојба на висока готовност, да спроведат превентивни мерки и да обезбедат подготвеност на персоналот и механизацијата за евентуални итни интервенции.

Текстот (Видео) Поплави во Херцеговина: куќи под вода, нивото на реките продолжува да се зголемува е превземен од МАКФАКС.