„ВМРО-ДПМНЕ покажа дека има одговорност за секој еден кој ќе покаже непримерно или незаконско поведение. Нема веќе заштитени и институциите постапуваат без разлика кој е тој што ги кршел правилата. За разлика од едно друго време, кога СДС и ДУИ ги употребуваа институциите за злоупотреба и политички прогон“, рече Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Политичкиот прогон на Заев, Спасовски и Ахмети заврши, сега доаѓа време на правда и на одговорност.
Владеењето на Заев, Спасовски и Ахмети беше препознатливо по вршење на политички терор врз луѓе кои се од друг табор. Се апсеше Миле Јанакиески по три пати само за да се задоволат апетитите на властите и да се дефокусира јавноста од криминалот и корупцијата кој беше во пикот во нивното владеење. Гордана Јанкуловска лежеше во затвор за „мерцедесот“ кој го возеше токму Зоран Заев, а Спиро Ристовски беше малтретиран и тепан во затвор од други затвореници.
Ова беше сликата со која се соочуваа сите оние кои беа спротивно на СДС и на ДУИ. Но и на ваквото однесување му дојде крајот. Сега моралот и принципите се приоритет.
Нема веќе да се дозволува шерифско однесување на локални началници или градоначалници, нема да поминува истото неказнето. Ако порано овие работи се дозволуваа затоа што одредени лица беа блиски или пак членови на СДС и ДУИ, сега тоа време заврши.
Во однос на недоличното однесување и злоупотребата на службената положба на началникот од Демир Хисар, лицето е веќе разрешено и кон него е поднесена дисциплинска постапка од страна на МВР. Нема веќе исклучоци и нема веќе оправданија. Секој што згрешил пред Законот, за истото и ќе одговара“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.