Полицајците вложуваат максимални напори да ги убедат монахињите да го евакуираат манастирот во Мандра, напишаа од грчката полиција на Твитер и објавија видео од манастирот што се наоѓа во близина на пожарот во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, јави дописничката на МИА од Атина.

Припадници на грчката полиција помагаат во евакуација и обезбедување помош за граѓаните во деловите зафатени од пожарите во Грција.

Пожарот во Дервенохорија на границата помеѓу областите Виотија и Атика, на околу 60 километри северозападно од Атина што избувна вчера попладне, поради ветерот се прошири со голема брзина и се доближи до населби и индустриска зона во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Превентивно, од жителите на неколку села и населби, беше побарано да се евакуираат.

Според портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис токму во овој дел е мобилизиран најголемиот број на копнените и воздушните средства и интервенираат 250 пожарникари со осум пешадиски тима и 75 возила, како и 11 авиони и девет хеликоптери од кои еден е за координација