Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција изјави дека СДСМ и Венко Филипче применуваат двојни аршини во однос на прашањето за безбедноста во сообраќајот.

„Од една страна велат дека секој оној кој сака да вози без возачка дозвола треба да е санкциониран, а од друга страна гласаа против системот ‘Безбеден град’“, рече Петрушевски.

Петрушевски потсети дека СДСМ и Филипче гласале против проектот „Безбеден град“ во Собранието, додавајќи дека координаторот на нивната пратеничка група, Оливер Спасовски, кој е поранешен министер за внатрешни работи, не направил ништо поврзано со ова прашање за да ја зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот.

Според него, во време на претходната власт не бил имплементиран ниту еден системски проект што ќе обезбеди дигитална контрола над сообраќајот, транспарентно санкционирање и реално намалување на сообраќајните прекршоци. Додаде дека проектот „Безбеден град“ не е партиска агенда, туку  решение за заштита на животите на граѓаните.