Пожарите се подметнуваат намерно, а СДС се сити и се обидува да печали политички поени, оцени на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече, на неколку локации каде се локализирани пожари и во Скопско и низ државата се забележани гуми кои се фрлани со цел да се распламти и разгори пожарот.
„На одредени места пронајдени се и ракавици, а пред два дена во Чучер Сандево и дрва потопени во бензин. Очигледно е дека како еден пожар се гаси, друг некаде веднаш се пали.
Институциите на системот макотрпно работат и ги гасат и локализираат пожарите секој ден. Од друга страна некој во државата сака истата да ја пеплоса.
Според информациите кои ги имаме, а ги објавија и институциите, одредени лица се веќе под истрага, а едно лице е лишено и од слобода“.
Според Петрушевски, додека институциите се борат да ја заштитат секоја педа земја, СДС тера политика и се обидува да ќари некој политички поен.
Чудна е, појаснува тој, поврзаноста на пожарите и брзината на СДС да изреагира.
„Народот многу добро гледа СДС што прави, и за тоа следува казна на изборите“.