Лицата кои деновиве повикаа на тепање и убивање на полициски службеници, поради желбата да возат без возачки дозволи, поради проектот „Безбеден град’’, биле активно вклучени во кампањата на Оливер Спасовски, што може да се види на фотографијата на екранот, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Лицата кои јавно се спротивставија на проектот „Безбеден град’’, во изминатите денови излегоа на протести, кои беа насочени против мерки кои имаат за цел да спречат возење без возачка дозвола, без регистрација и без одговорност.

СДС и Спасовски, да потсетиме за јавноста, гласаа против имплементација на проектот „Безбеден град’’ во Собранието.

Замислете, ексминистер за внатрешни работи, кој не направил буквално ништо во насока на подобрување на сообраќајната безбедност, гласаше против“.

Јавно ги прашуваме СДС и Оливер Спасовски, рече Петрушевски, дали ќе се дистанцираат и оградат од овие протести и од лицата кои повикуваа на јавен линч, и дали сметаат дека е прифатливо да се протестира против сообраќаен ред, закон и безбедност.

„СДС и Оливер Спасовски мора да дадат одговори на јавноста затоа што, за време на протестите беа забележани закани со насилство и убиство, и ова е повеќе од алармантно.

Ваквото однесување е недозволиво во демократско општество и затоа ги повикуваме сите надлежни институции да постапат без селекција и без двојни аршини, строго согласно закон, и да обезбедат одговорност за сите кои испраќаат закани за насилство“.

СДС и Оливер Спасовски, додаде тој, повторно се обидуваат да направат саботажа на се што е добро и е од интерес за граѓаните.

Според него, целта на ,,Безбеден град“ е да се зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот. Секој оној кој се залага за безбедност и ред во сообраќајот го поддржува овој проект.

Текстот (Видео) Петрушевски: Лицата кои повикуваа на тепање и убивање на протестите против „Безбеден град’’, активно вклучени во кампањата на СДС и Спасовски е превземен од МАКФАКС.